Skip to content
from the January 2017 issue: Bad Behavior

Zapalka

– Кога ќе дојде тато? – босите ножиња дошлапкаа во собата, но поспаниот детски глас не доби одговор. Беше тоа мала соба, скромно уредена, со темни завеси на прозорците, кои не пропуштаа доволно светлина.

Кревкото тело на жената беше срушено на фотелјата, нејзиниот стар трон.

Девојчето се проби низ шишињата алкохол и нежно го одврза каишот од левата рака на мајка си. Се наведна до нејзините усни и не земајќи здив го залепи увото до нив: „Сè уште дише, добро е“, помисли, па се успокои.

– Гладна сум... – претпазливо и со страв се обиде да ја помрдне за да се разбуди, но сè уште немаше никаква реакција. Го подигна ќебето од подот и со тежок напор го префрли преку неа.

– Ќе си направам сама јадење. Ти спиј. Одмори се. Ќе оздравиш, ќе одиме во парк утре. Не мора

денеска.

Се упати накај кујната. Да го вклучува шпоретот ѝ беше најстрого забрането, паметеше дека еднаш си играше со тркалцата за вклучување и потоа доби силна шлаканица од мајка си. Ако се разбуди и ако дознае дека повторно го вклучила, којзнае што може да се случи.

Фрижидерот беше празен. Имаше само една кутија бајати житарки. Млекото, иако имаше чуден вкус, го допи вчера. Подоцна ја болеше стомакот и повраќаше. Не ѝ кажа на мајка си, не сакаше даја разбуди. Таа беше многу болна и мораше да спие.

Тивко помина низ ходникот и излезе надвор. Ѝ беше забрането и да ја преминува улицата, но овојпат немаше друг избор. Ги познаваше соседите отспротива, тие беа добри со неа. Имаа внука со која заедно си играше, потоа таа отиде во Америка.

Затропа на вратата на соседите и побара една чашка млеко.

– Мама е болна. Не може да оди до продавница – објасни.

Сосетката збунето ја погледна, ја наполни чашата и ја испрати до дома. Вџашена, остана неколку секунди пред влезната врата, а потоа се сврте и со трчање замина назад.

Мајка ѝ сè уште спиеше. Уште еднаш го доближи увото до неа за да се увери дека е жива, а потоа ги истури житарките во чашата и седна на подот да појадува. Масата беше преполна со еден куп работи, кои не сакаше да ги поместува за да не ѝ вика мајка ѝ кога ќе се разбуди; таа често беше нерасположена кога ќе станеше и ѝ пречеа секакви ситници.

Некој заѕвони на вратата.

Беше премногу мала за да ѕирне низ дупчето и да види кој е, па ја подотвори вратата. Двајца страшни мажи облечени во сино.

– Добар ден, девојче. Може ли да влеземе?

– Не – отсечно одговори. – Мама спие. Не смеам да ја будам. Не смеам ни да пуштам никого дома.

Двајцата мажи се погледнаа меѓу себе. Пред нив стоеше босо девојче на возраст од околу пет-шест години, облечено во ношница што очигледно беше преголема за него. Со размрсулавено носе, со траги од млеко по образите и со продорни сини очи на возрасен човек.

Едниот извади полициска значка, но ни тоа не го поколеба девојчето – остана цврсто на својата одлука. Другиот извади некое радио и се тргна настрана, доволно далеку за девојчето да не може да слушне што зборува во него.

Се обидоа да ѝ објаснат уште еднаш дека тие се добри луѓе, од оние што сите ги пуштаат во своите домови, и дека за нив правилата не важат, но малата добро знаеше дека, доколку не ги почитува правилата на мајка си, ќе заврши лошо. Во тие правила немаше исклучоци.

На крајот, трпението на полицајците попушти, па грубо ја бутнаа од вратата и влегоа внатре покривајќи си ги носовите.

Девојчето преплашено истрча горе во својата соба, се скри под креветот и почна да претура низ кутијата што ја најде таму. Целото се тресеше, почна да плаче, но набрзо се сепна, присетувајќи се дека и тоа е строго забрането. Конечно, меѓу сите тие безвредни работи, на дното на кутијата, го најде она што го бараше.

Запалка.

Но не обична запалка.

Ја притисна до себе и одеднаш стравот исчезна.

Пред точно една година, таа повторно го сонуваше истиот сон. Човекот без глава ја следеше, таа немаше каде да избега. Се разбуди во темната соба – стравот ја парализира, а не смееше да испушти звук.

Кога првпат ѝ го раскажа сонот на мајка си, таа ја натепа убаво – сама се откри дека гледала од филмовите што не смееше да ги гледа.

Овој пат знаешедека мора да молчи. Но нејзината соба беше престрашна, па на прсти се прикраде до дневната.

Татко ѝ сеуште беше буден. Какво олеснување!

Дотрча и се стутка до него пред телевизорот. Не призна ништо додека не доби цврсто ветуање дека нема да западне во неволја, а потоа раскажа за филмот со човекот без глава кого ниедно оружје не може да го убие

  • И сега ме следи мене. Никој не може да го види затоа што се крие во мојот плакар.

Беше залудна проверката на плакарите – човекот можеше да биде и невидлив.

Тогаш, татко ѝ разбуричка низ својот џеб и ја извади волшебната запалка.

  • Ова е најскапоценото нешто што може да го поседува некој. Мене ми го подари еден голем волшебник. Најголемото оружје на светот... ќе го ставам под твојот кревет и ниедно чудовиште нема да може да ти се приближи – ја раскажа таткото приказната.
  • А може ли да ме направи невидлива? – ѝ светнаа очињата
  • Хах, секако, ти реков дека е волшебна. Треба само доволно црвсто да ја држиш и силно, силно да сакаш нешто, па таа ќе ти ја исполни желбата.

Таа вечер, таа спиеше мирно. Човекот без глава никогаш не се појави повторно во нејзниот сон. Но ни татко и не се појави повторно во нејзиниот живот.

 

Ги слушна луѓето кога влегоа во нејзината соба. Ги слушна нивните стапки, нивните гласови. Сите се прашуваа каде е, а таа само се смешкаше. Беше невидлива; кога нема да ја најдат, ќе се откажат и ќе си заминат.

По стапките можеше да забележи дека се повеќе луѓе во собата, не се само оние двајца. Одеднаш, едниот од нив се наведна под креветот и ги впери своите страшни црни очи во неа. За момент се сепна, но се сети дека всушност е невидлива, ја припи запалката кон себе и задоволно се насмевна.

– Што држиш таму, девојче?

Молчеше. Тоа не беше возможно. Таа беше невидлива. Ако молчи, ќе си заминат сите.

– Може да видам? – гласот звучеше пријателски, но таа се уште не се помрднуваше. Можеби не ја притиска доволно силно запалката? Или не посакува доволно? Ги затвори очите и уште еднаш посака, силно, најсилно, да биде невидлива! Рацете ја болеа, но не се откажуваше!

Одеднаш почувствува како некој ја подига во воздух. Не даваше отпор, само силно ја стегаше запалката со двете дланки и повторуваше во себе: „Сакам да бидам невидлива! Сакам да бидам невидлива!“

Ја изнесоа држејќи ја во раце надвор и ја седнаа до една жена со пријатен глас, која исто така се обиде да поразговара со неа. Ги отвори очите за момент, колку да го забележи нејзиниот пријатен лик, и потоа повторно се врати на запалката. Мора да успее, татко ѝ така ѝ рече! А татко ѝ не лажеше никогаш!

Жената престана да се обидува, па само замолкна и остана да седи покрај неа. Како што и претпоставуваше, по половина час напрегање, девојчето конечно заспа.

„Кутрото тоа...“, помисли таа додека го внесуваше малото беспомошно суштество во таксито. Не ја ни забележа запалката, која падна од отпуштените дланки на задното седиште. На излегување, таксистот викна по неа:

– Госпоѓо, си ја заборавивте запалката!

– Јас не пушам – одговори таа кратко и влезе во центарот за сирачиња.

Изутрина, на главната страница на весниците осамна натпис:

Петгодишно девојче една недела живеело само во куќата со лешот на својата мајка, која починала од предозираност со хероин.

Сите ја жалеа судбината на девојчето, кое пред само една година го изгубило и својот татко во сообраќајна несреќа.__

January 2017
Bad Behavior
Like what you read? Help WWB bring you the best new writing from around the world.