Skip to content
Words Without Borders is an inaugural Whiting Literary Magazine Prize winner!
from the January 2017 issue

Нектар

  &nbИако е гинеколог, мојот маж се обидува да се претставува како уметник, а тоа е само една од работите што ме нервира кај него. Всушност, не се сеќавам кога точно почнаа да ме нервираат повеќето работи што ги прави и зборува, но оваа можам да ја издвојам како една од најглавните. На пример, на гостите што доаѓаат кај нас им кажува дека „се занимава со уметност“, но дека не е „уметник“ во вистинската смисла на зборот, со тоа лажно прикажувајќи се како скромен. Кај нас многу често доаѓаат гости. Од моја страна, тоа е непожелно, бидејќи вклучува готвење и чистење пред и по нивното доаѓање. Мојот маж инсистира јадењето да е обилно, со тоа сакајќи да покаже колку сме ние всушност функционални како семејство. Нормално, во текот на таквите обилни вечери, кои се одвиваат во нашата дневна соба, на ниската маса што стои помеѓу троседот, двоседот и фотелјата, во кои можат да се сместат уште четворица покрај нас двајца, јас сум таа којашто треба да ги служи гостите, и главно сум стационирана во кујната, па кога ќе дојдам да приседнам со нив за малку да поразговараме, морам да седам на табуретка, за која секогаш лажам дека ми е сосема комотна. Во меѓувреме тој си разговара со гостите и главно им зборува за себе. Бидејќи е непристојно да се зборува за пички, што е основата на сè она што тој го познава, им зборува за својата „уметност“, а тоа се неговите слики од масло на платно што ги изработува во една од собите во нашиот стан, неговото „ателје“, поради кое нашите две деца што постојано се тепаат мораат да делат соба. Неговите слики се крајно аматерски. Боите се замачкани, задушени, депресивни. Секојпат кога ќе згреши некој потег, го замачкува со нов слој боја. Така, сликите му личат на големи, тешки блуеници – како несварен, обилен, изџвакан оброк што се вратил таму од каде што дошол. Тој смета дека неговите слики се „апстрактни“ и дека „изразуваат состојби на емоционална тревога и вознес“, но всушност тие го претставуваат тоа што тој најдобро го знае: пичките, и од внатре, и од надвор. Претпоставувам дека и другите луѓе го забележуваат тоа, барем тие што се попаметни. Сигурна сум дека го викаат „гинекологот што слика пички“ и му се шегуваат зад грб. Но тој тоа сосема го заслужува, па не се вознемирувам ако е тоа така – дури и потајно се надевам дека му се потсмеваат. Но има такви од нашите гости кои барем в лице не го прават тоа, туку напротив, му ласкаат. „Па Вие сте вистински уметник“, му велат, гледајќи ги сликите небаре пред нив стои некое платно на Леонардо. И тогаш тој ја вади таа негова позната фраза: „Не, јас само се занимавам со уметност“ и додава, повторно со лажна скромност „јас сум само еден лекар“, знаејќи точно каков статус има со таквата професија.

            Втората тема во текот на вечерата, секако, се неговите пациентки и нивните здравствени проблеми. Мојот маж, вреди да се спомене, ги има изгубено пријателите што се некако надвор од неговата професија. Сите негови пријатели се исто така лекари што ги запознал на факултет, а нивните жени му се пациентки. Заедно тие имаат „братство“. Братствата кај мажите ми се многу смешни од денешна перспектива. Кога бев млада, кога се запознавме со мојот маж, тоа ми беше симпатично, дека има таква верна дружина пријатели. Но тогаш не ми беше јасно што зборуваат меѓу себе. И не ми беше јасно како зборуваат за нас, нивните жени. А мислам дека мојот маж е најлош меѓу нив, главно бидејќи е гинеколог и бидејќи ужива статус на познавање на сите интимности кај жените. За жал, се сомневам во една многу страшна и лоша работа, која ми е страв да ја изустам, а тоа е дека неговите пријатели намерно ги носат своите сопруги кај мојот маж, бидејќи така имаат контрола врз нив. Доколку имаат некоја сексуално пренослива болест, тоа мојот маж може да го скрие од нив. Доколку самите жени се „виновни“ за таа болест, тој тоа може да им го соопшти на мажите, пред тоа да го сторат или да не го сторат сопругите. Ова е само моја теорија во која се сомневам, бидејќи оваа банда мажи тврдат дека нивното братство е „над сè “, и дека буквално сè би направиле еден за друг. Понекогаш помислувам дека се геј. Дека кога не би биле ние, и кога не би имале такви општествени стеги, би се наредиле сите еден зад друг и заемно би си го опнале. Така си ги замислувам понекогаш, кога ме нервираат – залепени еден зад друг како сардини, како вагони од воз, како сите мрдаат во ист ритам. Само што првиот нема што да прави со курот и си го држи во рака, разочарано. Па после се менуваат, за да не остане некој покус во нивното братство. Во моите фантазии, ние жените седиме на страна и ги гледаме. Така правиме и во реалноста. Тие зборуваат, а ние ги гледаме, или понекогаш си шепкаме рецепти меѓу нас, кога ќе ни досадат нивните муабети. Понекогаш и сопругите успеваат да разменат по некој таен збор со мојот маж, во ходникот, како дополнителна консултација за нивното здравје. „Земи една доза бетадин“ ќе наслушнам, или „можеби е до исхраната, не знам зошто секогаш ми се појавува“. „Немој да држиш диети“. „Ама многу здраво се хранам. Еве веќе и не пушам“.

            Јас и тој се запознавме на гинеколошки стол, коа отидов кај него на преглед. Беше исклучително добар и нежен, и неговиот пристап ме воодушеви. Бев многу, многу млада – и тоа треба да се земе предвид – другите гинеколози кај кои претходно имав отидено беа груби и лоши и непријатни. Не дека имав некој проблем – напротив. Прво ме седна во неговата канцеларија и ме опушти со еден шармантен, човечки разговор. Во позадина имаше пуштено многу пријатна класична музика, ми понуди овошен чај, кој веќе го беше подготвил. Откако малку се подопуштив, ми покажа каде да се пресоблечам – беше тоа една прекрасна мала соблекувална, со убави бели меки папучки на подот, нова закачалка на повеќе нивоа за облеката, еден убав бел мантил што можев да го облечам пред да се качам на гинеколошкиот стол. И кога се качив таму, тој ми велеше, „подолу душичке, ајде малку подолу душичке“, и нежно ме пипкаше по бутините за да ме поттурне надолу. Потоа почна да разговара со мене додека го ставаше спекулумот, кажувајќи ми колку е тој непријатен, но тој ќе биде нежен, и дури се обидуваше да го затопли за да не ми биде неубаво кога ќе влезе во мене. Начинот на кој ми ги рашири усничките пред да го стави спекулумот ми предизвика нешто топло да ми се придвижи во душата. И потоа тој погледна внатре, а јас го гледав в лице. Ми се виде убав, најубав, преубав. Сините очи гледаа внатре во мене со еден поглед чиниш гледаат залез над мирно езеро. Лицето како да му се разнежни. „Ах, совршено е сè. Имате преубава анатомија“, ми рече тој, а тоа го повторуваше и кога со ехо ми ги проверуваше јајниците. „Имате прекрасна матка“, ми рече неколкупати. Но пред да стигнеме кај ехото, тој направи нешто што сега знам дека им го прави и на други жени – можеби и затоа е толку популарен, покрај меките папучки, убавата закачалка, чајчето, пријателскиот однос. Со неговите долги, нежни прсти, ме буцкаше внатре за да провери дали имам некакви болки. Се разбира, ми се извини многу пати пред да ми го направи тоа, и ми објасни што точно ќе ми прави. Но како што го брцна внатре показалецот, и го вртеше лево-десно, со другите прсти нежно ми го галеше клиторисот. Ми беше убаво. Се вратив по шест месеци, лажејќи дека нешто внатре ме чеша. „Прекрасно е сè, прекрасно“, велеше тој. „Не сум видел ваква чиста и убава анатомија“, повторуваше, речиси вљубено гледајќи во мојата внатрешност. И така секои шест месеци, три години, сè додека еднаш не се сретнавме во едно од градските кафулиња, и во пијана состојба ми рече дека сум била најубавата пациентка со најубавата „како да ти кажам... почнува на П“ што ја видел дотогаш. Потоа ми рече дека по оваа изјава јас не можам да му бидам веќе пациентка, но можам да му бидам девојка. И по неколку месеци ми рече дека можам да му бидам и жена, а јас прифатив. Имав дваесет и две години. Тој имаше триесет и осум. Јас сè уште сум негова пациентка. 

            Сликите се главниот повод за нашите расправии, но не и причината за нив. Причината е повеќеслојна, но еве уште еден пример: еднаш јас и мојот маж зборувавме за уметност. Се разбира, тој се гледа себеси како некој Чехов, некој што бил лекар, но подоцна станал познат по тоа што всушност бил голем уметник. Зборувавме за нашите омилени писатели, сликари, музичари, а јас почнав да зборувам за тоа колку ми се допаѓа поезијата на Силвија Плат. Нему како одеднаш нешто да му светна.

            „Дали си забележала дека сите големи уметници се мажи?“, ми рече.

            Тоа ми имаше паднато в очи и претходно, и го чувствував како болна точка. Со разочараност одговорив потврдно.

            „Што мислиш, зошто е тоа така?“

            Почнав да размислувам. Не можев веднаш да го срочам тоа што сега рафално би му го испукала в лице: дека жените никогаш немале услови да бидат креативни. Дека тоа едноставно не им било допуштено, кога по цел ден седеле дома и ги бришеле гомната од газињата на децата, како што правев и јас додека тој шеташе по конференции по Кини, Африки, Европи, и се инспирираше.

            „Па...“, запелтечив, за што сега многу се каам.

            „Тоа е затоа што мажите се духот, жените се телото. Мажите се креативните, жените се практичните. Мажите гледаат горе, жените гледаат долу. Жените не можат да бидат уметници – тоа не им е својствена природа.“

            Многу се навредив ама не знаев како да му одговорам. Имав дваесет и три-четири години, ако тоа може денес да ми послужи како одбрана.

            „Ајде. Кажи ми некоја многу голема писателка. Од рангот на Достоевски, на Чехов, на Хемингвеј, на пример“, ми рече.

            „Па еве, Маргерит Јурсенар“, му кажав, оти само на неа ми текна во тој момент.

            „Не се важи. Лезбејка била“, ми одговори и влезе во тоалетот, каде што се задржа петнаесет минути за да кака, а јас морав да излезам да го земам синот од градинка и никогаш не го продолживме разговорот, во кој јас ќе му наведев стотици машки уметници кои биле геј, како неговиот омилен композитор Чајковски, на пример. 

            Идеите за величината на уметникот и желбата и тој да стане уметник кај него се јавија одамна, но почна да слика дури многу подоцна, откако се „осозна“, како што самиот велеше. Всушност, почна интензивно да слика откако се роди нашето второ дете – значи пред осум години. Дотогаш веќе малку и отрпнав и престанав толку да му се плашам. Кога почна да слика, истренирана само да му пеам славопојки, му велев дека сликите се многу убави, и дека навистина има талент. Тој црвенееше од среќа кога ќе кажев таква работа и, како секој миг да ќе подголтне или ќе прсне во плач, со насолзени очи гледаше во завршеното платно. „Отсекогаш сум сакал да бидам сликар!“, велеше. „Се двоумев меѓу медицина и уметничко. Ама татко ми ме натера да тргнам по неговите стапки. И ете – судбина“, повторуваше вознесено. Се чудев како и мене ми зборува вакви работи, сопругата пред која не мораше да се преправа.

            Потоа почнав да ги игнорирам неговите слики, и конечно пред неколку години почнав да му кажувам дека воопшто не ми се допаѓаат. Последниот пат кога се скаравме, во момент на бес му реков дека личат на грди, размачкани пички, а кога не личат на тоа, личат на омлет или на блуеница. Се навреди како никогаш дотогаш.

            „Јас барем творам“, ми рече. „А ти, што правиш?“

            „Твориш ко што творат творовите“, му реков.

            Тој побесни. Се виде како го облеа руменило, а од што знае да се воздржи, истото како да го голтна, и лицето му се врати во нормала по десетина секунди.

            „Многу си духовита нешто денес“, рече без да знае што друго да ми каже. „Штета што не си писател“, рече, знаејќи дека отсекогаш сум сакала да пишувам. Виде дека се вознемирив и продолжи да ме тормози.

            „Уф, заборавив дека пишуваш поезија. Што не ми прочиташ некоја од твоите песнички за да можам и јас да критикувам?“, зајадливо ми префрлаше и триумфално се смееше, бидејќи моите песни никогаш ги немаше прочитано. Никогаш не му ги имав дадено од една проста причина која веќе не сакав да ја кријам од него. Отидов во спалната и од под креветот ги извадив листовите со поезијата што скришум ја пишував додека тој беше на работа. И му ја дадов последната песна. Му реков да чита на глас.

 

Љубена

 

Тој лежи до мене

а јас те сонувам

твојот ноќен цвет

за мене се отвора

ти јачиш ко ветар

ружо моја најмила

од твојот нектар

и вечерва би се напила

 

            Вилицата на мојот сопруг се здрви и малку како да се помести на десно кога престана со читањето. Очите му беа ширум отворени и втренчено ме гледаше, а во лицето беше блед.

            „Римата не е баш правилна“, му реков цинично. „Извини што те разочарав“. 

            „Не“, ми рече тој. „Не сум разочаран. Очекував дека ќе е срање.“

Read more from the January 2017 issue
Like what you read? Help WWB bring you the best new writing from around the world.